Иако голем фаворит за победата, македонската јуниорска репрезентација со тешки маки ја победи Ирска во првото коло од Европското првенство што се одржува во Скопје.
Нашите млади кошаркари триумфираа со 73-63, но за тоа им беа потребни дополнителни пет минути откако во основните 40 добија само една од четирите четвртини. Со оглед на тоа што Ирска, заедно со Кипар, се смета за аутсајдер во нашата група, јасно е дека Македонија ја очекува тешка задача во дуелите со далеку поквалитетните БиХ, Украина и Чешка.
Македонија многу тешко го почна натпреварот, Ирска го диктираше темпото цело прво полувреме, но на пауза сепак се замина со +5 за нашата репрезентација (37-32), благодарение на брзите пет минути на Јаничиќ во последните секунди од втората четвртина. Се чинеше дека отпорот на противникот ќе биде скршен во вториот дел, но најмногу што успеа да поведе Македонија беше +6. Место убедлива предност, Ирска ја презеде контролата над резултатот во втората половина од последната четвртина и на минута пред крајот имаше водство од три разлика (62-59). Повторно ситуацијата ја спаси Јаничиќ со тројка за израмнување по што ни едните, ни другите не успеаја да поентираат.
Продолжението помина во тотална доминација на Македонија, нашите кошаркари го добија со 11-1 и се спасија од неочекуван пораз на стартот од првенството.
Никола Јаничиќ беше најефикасен во македонската репрезентација и единствен со двоцифрен број поени -27 на кои додаде и 8 скока. Се истакна и Луканоски со 9 скока и 9 асистенции, но јасно е дека утре против БиХ ќе треба многу повеќе за победа.


