Еден од најискусните во македонската репрезентација Стојан Ѓуроски вчера беше и меѓу оние кои го предводеа националниот тим до победата против Полска.
Како трет стрелец, зад Димитријевиќ и Хап, 32-годишниот крилен играч потврди дека има што да даде во репрезентацијата. И порано даваше се од себе во црвено-жолтиот дрес и така сигурно ќе остане во иднина.
„Влеговме максимално мотивирано во натпреварот бидејќи знаевме од какво значење е за нас. На нивната игра, одговоривме со една многу поголема агресивност. Мислам дека можеби малку и нè потценија. Се одлучивме и да ризикуваме со нивниот шут од далечина, во прв ред на Балчеровски и тоа на крајот и се исплатеше.
Сепак, сметам дека енергијата беше клучен фактор за победата на овој натпревар. Погодивме доста шутеви од далечина и поголем дел од репрезентативците одиграа феноменално. Нено нè предводеше и не само што погоди доста, туку нè разигра и нас останатите. На крилјата на оваа победа треба да продолжиме да се надградуваме како тим. Можеби лош момент е победата на Естонија против Литванија. Меѓутоа тоа не значи ништо за нас. Следна на ред ни е репрезентацијата на Литванија, за која лично сметам дека можеме да ја победиме во Скопје. Има уште многу да се игра во овие квалификации и ќе се потрудиме да победиме на што повеќе натпревари. Ова во Полска беше само првиот“, рече кошаркарот на Работнички.


