Македонската јуниорска репрезентација ја оствари втората победа на Европското пренство Б-дивизија што се одржува во Скопје откако попладнево беше подобра од Босна и Херцеговина со 99-87.
Клучна за триумфот на нашите кошаркари беше последната четвртина која ја добија со 25-15 и во која го скршија отпорот на селекцијата која на хартија беше фаворит на овој меч. Победата е апсолутно заслужена ако се знае дека Македонија се наоѓаше во водство 33, а во негатива помалку од две минути.
Нашата репрезентација одлично го почна мечот, во осмата минута водеше со 22-11, но дозволи противникот да направи серија од 14-0 и да го преземе водството. Сепак, тоа не влијаеше психолоши на играта на македонските кошаркари, па до крајот на третата четвртина се играше израмнето. Последниот период Македонија го почна одлично, со седум поени по ред за водство од 81-72 за на три минути пред крајот да ги достигнеме највисоките +16 (95-79) што се покажа доволно за триумф.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше капитенот на македонската репрезентација Никола Јаничиќ кој постигна безмалку третина од поените (31). Двоцифрени беа уште Марјановиќ со 13 и Ќириловски со 10 поени. Утре Македонија игра уште еден исклучително важен натпревар, против Чешка и ако победи, 99% ќе обезбеди пласман во четвртфиналето од Европското првенството.


