Во пресрет на вечерашното финале од Олимписките игри во Париз, меѓу САД и Франција, отворена е дебатата за тоа кој треба да биде прогласен за МВП на кошаркарскиот турнир.
Ако се земе предвид досегашната статистика, внимание привлекува фактот што Никола Јокиќ е најдобар во најважните четири статистички категории. Има најмногу постигнати поени (113), најмногу скокови (64), најмногу асистенции (52) и најмногу украдени топки (12) со тоа што во последната категорија може да биде поминат од Виктор Вембанјама кој досега има 11, а го очекува уште еден натпревар.
И покрај сето ова, неизвесно е дали Јокиќ ќе биде прогласен за МВП на Олимписките игри бидејќи на вакви манифестации најчесто најкорисниот играч се бира од репрезентацијата што го освојува златниот медал. На Олимписките игри досега само два пати се доделувало МВП признанието, во 2004 му припадна на Емануел Џинобили од Аргентина, а во 2020 на Кевин Дурант од САД. Во двата случаја, нивните репрезентација ја освоија олимписката титула.
Иако според досегашните бројки нема конкуренција, наградата би можела да замине кај Леброн Џејмс ако победат САД или Виктор Вембанјама ако триумфираат Французите.


