Легендарниот американски кошаркар Оскар Робертсон се осврна на настапот на САД на Олимписките игри во Париз и изрази огромно незадоволство од играта и покрај освоениот златен медал.
Најмногу му пречи играта против Никола Јокиќ кого Американците долго време не успеваа да го запрат.
„Јокиќ направи будали од американските кошаркари затоа што не знаеја како да го бранат. Упорно го преземаа иако често на него остануваа играчи кои се по 20-30 сантиметри пониски“, рече Робертсон.
Американците два пати се сретнаа со Србија на Олимписките игри и победија на двата меча. Во првиот, во групната фаза, многу лесно, со 26 поени разлика, но во вториот се спасуваа во финишот откако Србија на моменти имаше предност и од 17 поени.


