По четири победи по ред, екипата на Денвер вечерва претрпе тежок пораз на гостувањето кај Минесота.
Тимбервулфс славеа со 133-104, потврдувајќи дека се еден од најтешките ривали за Денвер откако лани го елиминираа овој тим во конференциското полуфинале. Да не беше опуштањето во последната четвртина кога победникот веќе се знаеше, впечаток е дека Минесота можеше да стигне и до 150 постигнати поени.
Една од причините за убедливиот пораз на Нагетс лежи во релативно слабата игра на Никола Јокиќ кој ја прекина серијата од пет трипл дабл натпревари. Српскиот ас одлично го почна мечот, во првите девет минути постигна 13 поени, но потоа остана на нив до средината на третиот период. На крајот имаше 20 поени и 11 скока, далеку од неговите најдобри бројки оваа сезона.
Минесота го искористи тоа за да дојде до триумф кој ја носи до осмото место на Западот, со ист број победи (24) колку и петтопласираниот Лос Анџелес Лејкерс, но со три натпревари повеќе. Ентони Едвардс одигра извонреден меч, постигнувајќи 34 поени и 9 асистенции и беше убедливо најдобар стрелец на натпреварот.


