Македонската кошаркарска репрезентација денеска ги почна подготовките за првите два квалификациски дуели за Европското првенство во 2025 година.
В петок (23 февруари) нашиот национален тим ја пречекува Естонија, а три дена подоцна гостува во Полска која е ко-домаќин на претстојниот шампионат. На стартот на подготовките селекторот Александар Јончевски посочи како размислува пред можеби најважниот дуел во претстојните квалификации.
„Четири екипи од кои само една нема да оди понатаму. Ако направиме математика дека Полска како домаќин има сигурен пласман на првенството, а дека Литванија децении нема пропуштено Европско првенство, шансата ни преостанува со Естонија. Првиот натпревар е на домашен терен и тој е најбитниот натпревар без разлика на циклусот кој трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап.

Без разлика што и да се случи нема да биде порелаксирано и понатаму. Доколку ме прашате мене било каков триумф е задоволителен бидејќи се работи за една репрезентација која е во подем и која што има се повеќе интернационалци во својот состав. Можеби оваа година и бројот на овие играчи е најголем, тие имаат девет интернационалци кои настапуваат во силните европски лиги. Тоа е репрезентација која можеби ќе атакува и на многу повисок пласман, отколку само настап на Европско првенство. Како и да е, имаме свои адути, играме на домашен терен и верувам дека атмосферата која што ќе биде направена во Кале ќе биде на едно задоволително ниво. Играчите ќе дадат максимум и тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход.
Ти Џеј Шортс нема да биде во овој прозорец. Не сме се откажале од него, тој беше еден од најзаслужните за претквалификациите, но затоа што сме дефицитарни на високите позиции без Симиќ и Младеновски од кои едниот целосно се откажа од кошарка, а другиот три месеци не беше во тренажен процес бевме принудени да се одлучиме за Хап кој и претходно доби државјанство. Тоа е повеќе стратешка околку изнудена одлука“, изјави Јончевски.
Новиот репрезентативец Итан Хап ќе ѝ се приклучи на репрезентацијата во текот на утрешниот ден, а во овој прозорец ќе ги нема Кристијан Николов и Андреј Јакимовски. Натпреварот против Естонија се игра в петок од 19 часот.


