Македонската кошаркарска репрезентација го претрпе вториот пораз во квалификациите за Европското првенство и ги сведе на минимум шансите да се врати на континенталниот шампионат по пауза од една деценија.
Проблемите околу играчкиот кадар си го направија своето, па нашиот национален тим не беше конкурентен на Литванија, пред се поради лошиот старт на мечот. Селекторот Александар Јончевски ги детектираше слабостите во нашиот тим и најави дека ќе се обиде да извлече поуки од она што се случуваше во Скопје.
„Се боревме, но лошо го отворивме мечот, игравме под некои притисок. Литванија влезе со машка игра која судиите ја толерираа што ни беше многу чудно. Ситуациите кои беа на линија на груба игра тие не ги санкционираа. Но, го разбирам тоа, тоа беше критериум на кој ние требаше соодветно да одговориме. Кога сфативме како треба да игравме бевме подобри, ја намаливме разликата, но тоа не беше доволно. Го променивме начинот на игра во одбраната, тоа се покажа како правилен потег. Сметам дека ако игравме така во текот на целиот натпревар резултатот ќе беше многу поповолен за нас. Ќе го анализираме натпреварот и ќе извлечеме поуки од овој меч“, рече селекторот.
Вториот натпревар против Литванија го играме в недела во Клаипеда и ако загубиме, тоа ќе значи крај на сите надежи за пласман на Европското првенство.


