Актуелниот селектор на македонската кошаркарска репрезентација Александар Јончевски по пауза од половина година најверојатно се враќа на клупската кошарка.
Според полските медиуми, тој е најсериозен фаворит за тренерската позиција во најтрофејниот тим во оваа земја Шљонск Вроцлав кој лошо ја почна новата сезона и по првите осум кола има биланс 3/5. Како последица на тоа, досегашниот тренер Миодраг Рајковиќ денеска доби отказ, а на неговото место треба да дојде Јончевски.
Шљонск е најтрофеен полски клуб до 18 освоени шампионски титули и поранешен учесник во Евролигата. Имаше криза од 20 години, од 2002 до 2022 во кои не освои ниеден трофеј во домашното првенство, но амбициите на клубот во моментов повторно се шампионски и покрај моменталната состојба на табелата.
Јончевски досега од странските клубови ги водеше српски Спартак Суботица и косовските Трепча и Башкими, но долго време е дел од македонската репрезентација, прво како асистент, а сега и како селектор. Вниманието на полската јавност ја привлече во февруари годинава кога со нашиот национален тим буквално ја прегази Полска во квалификациите за Европското првенство. Интересно е тоа што во полското првенство од неодамна работи и неговиот помошник Никола Василев кој е тренер на Арка.


