Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски одлично стартуваше во својот нов клуб Шлонск и по првите два меча има две победи.
Со оглед на тоа што неговиот клуб е најтрофеен во Полска со 18 шампионски титули, јасно е дека и тамошмните медиуми се особено заинтересирани за работата на Јончевски. Во своето прво интервју во Полска, 44-годишниот стручњак зборуваше за тоа како дошло до соработката и какви се неговите први впечатоци.
„Ова ќе ми биде можеби десетти пат во кариерата да преземам екипа среде сезона. Во МЗТ Скопје тоа се случуваше речиси секоја година и секогаш ме викаа да го гасам пожарот. Најважно е тоа што секогаш имав успеси и се надевам дека така ќе биде и во Шлонск.
Верувам дека мојата тренерска кариера доживува кулминација. Претходните две години ги водев најдобрите екипи на Косово, Башкими и Трепча и мислам дека веќе ги надминав и косовското и македонското првенство. Имав неколку понуди оттаму во текот на летото, но не сакав да ги прифатам. Интересот од Полска се зголеми по нашиот натпревар во квалификациите за Европското првенство во февруари годинава. Имав контакт со 2-3 клуба, но потоа дојде понудата од Шлонск со чие раководство имав конструктивни разговори и се договоривме буквално за 10 минути. Навистина верувам во овој проект“, изјави Јончевски во интервјуто за zkrainynba.com.
Тој е втор македонски тренер на кормилото на Шлонск по Емил Рајковиќ кој токму во тимот од Вроцлав во 2014 година ја почна својата интернационална тренерска кариера, односно го имаше првиот ангажман во странство. Јончевски не крие дека тој момент имал големо значење при носењето на одлуката да се пресели во Полска.
„Емил Рајковиќ, кој работеше во Шлонск, ми кажа многу убави работи за клубот, а знам дека тој се уште е во добри односи со раководството. Рајковиќ е многу важна личност во македонската кошарка, всушност тој е најуспешен тренер во историјата на Македонија. Работеше во ЦСКА и има голем придонес за развојот на македонските тренери, а јас сум претседател на тренерската организација.
Ние имаме одлични односи, пријатели сме, игравме заедно во Работнички и Вардар, а подоцна јас му бев асистент во МЗТ Скопје. Немам сомнение дека тој одиграл важна улога за интересот на Шлонск за мене. Ми се јави и ми рече: Размисли добро, ова е голема шанса за тебе“, додава Јончевски.
И покрај ангажманот во Полска, тој ќе ја води македонската репрезентација во последните два меча од квалификациите за Европското првенство во кој еден од ривалите е токму полската селекција. Тој дуел се игра во Скопје, но претходно е многу поважниот, против Естонија во Талин.


