Македонската У18 репрезентација со два пораза ја почна серијата подготвителни натпревари во пресрет на Европското првенство Б-дивизија што ќе се одржи во Скопје.
Во нашиот главен град овие два дена гостуваше Црна Гора која оствари две победи, вчера со 92-90, а денеска со 81-63. Резултатите од овие натпревари не беа во прв план, со оглед на тоа што до почетокот на Европското првенство има уште 20 дена.
На двата меча, најдобар во македонската репрезентација беше Марко Луканоски кој вчера оствари дабл дабл со 14 поени и 14 скока и индекс 27, а денеска имаше 17 поени и 12 скока за индекс 25. Веднаш до него беше капитенот Никола Јаничиќ кој на првиот меч беше и најдобар стрелец со 25 поени, а на вториот, исто како Луканоски, реализира 17.
На Европското првенство, Македонија е во групата Ц, со БиХ, Ирска, Чешка, Украина и Кипар, а учесник е и репрезентацијата на Црна Гора која е во групата А.


