Македонскиот вицешампион Пелистер го доживеа вториот пораз во АБА 2 оваа сезона откако на домашен терен загуби од Џокер од Сомбор со 77-81.
Пред околу 3.000 гледачи во салата „Боро Чурлески“, битолчани дадоа силен отпор против лидерот во групата, долго време беа во водство, но не успеаја да направат изненадување. Интересно е тоа што Џокер на овој меч доби само една четвртина, третата со 25-16, но и тоа му беше доволно да дојде до третиот триумф со кој е на милиметри од пласман во следната фаза.
Пелистер одлично го почна мечот, во седмата минута водеше со 17-9, на крајот од првиот период имаше 20-17, а во втората четвртина ги достигна највисоките +11 (32-21). За жал, тука застана и му дозволи на противникот пред полувремето да израмни, а на голем одмор се замина со 38-35 за нашиот претставник.
Во третата четвртина дојде до голем пад во играта на Пелистер, Џокер отвори со 12-3 за целосно преземање на контролата над резултатот, а се чини дека сите дилеми ги реши на стартот од последниот квартал кога отиде на 66-55. На околу три минути пред крајот нашиот тим се доближи на еден посед, но со серија од 5-0, српскиот претставник стави точка на сите надежи на Пелистер.
Едвардс со 18 поени и 10 скока беше најдобар играч на македонскиот вицешампион, Мишковиќ додаде 16 поени и 9 скока, а Стајиќ 12 поени. Во следното коло, Пелистер повторно игра против Џокер, но на гостински терен.


