Екипата на Чаир ја оствари 11. победа сезонава откако на домашен терен ја совлада Академија ФМП со 103-73.
Тоа е и седми триумф во осмиот меч на домашен терен во актуелното првенство во кое само Еуро Никел си замина со победа од Чаир. Денешниот меч беше одлучен во последната четвртина која домаќините ја добија со 35-12.

Во првите три периоди, Академија ФМП беше рамноправен, на моменти и подобар противник иако Чаир пред крајот на првото полувреме имаше и двоцифрена предност (43-33), а подоцна и 57-45. Академија ФМП не се предаваше, на почетокот од последниот период се доблжи на 63-68, но тогаш почна тоталната доминација на домашниот тим. Со серија од 12-0 се одлепи на 80-63, потоа со уште една од 11-0 отиде на 91-65 и од неизвесен меч, излезе убедлив триумф на Чаир.
Роби со 22 поена беше најефикасен кај домаќините, но се истакнаа уште Мустафица со 21 поен и 17 скока, Какруки со 17 поени и 10 скока и Галовеј и Александровски со двоцифрен ефект. Брукс со 20 поени и 14 скока беше убедливо најдобар поединец кај ФМП.


