Иако беше селектиран, македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ нема да настапи на Ол стар натпреварот од ВТБ лигата кој е на програмата на 18 февруари во Москва.
Тоа го потврдија тренерите на екипите за овој ревијален меч Емил Рајковиќ и Велимир Перасовиќ кои денеска ги бираа играчите преку т.н. драфт во телевизиска емисија. Тие букавлно не сакаа да го изберат нашиот кошаркар за да не испуштат можност за друг квалитетен играч.
„Јас знам дека Димитријевиќ во тој период ќе биде на подготовки со македонската репрезентација и не сум луд да го потрошам мојот избор на него“, рече Перасовиќ кој и му е тренер на Нено во Уникс и сигурно добро ја познава ситуацијата.
Подоцна истото го потврди Рајковиќ кој на крајот, сепак, го избра Димитријевиќ како последен пик затоа што знаеше дека ќе добие квалитетна замена за него.
Селекторот на македонската репрезентација Александар Јончевски за КОШ.МК потврди дека во периодот кога се игра ВТБ Ол стар натпреварот, подготовките за квалификациските дуели против Естонија и Полска веќе ќе бидат почнати.


