Финалистот во Купот на Македонија од минатата сезона Феникс ја оствари четвртата победа во низа во домашното првенство, трета од почетокот на новата година.
Тимот на Денис Дервишевиќ го совлада Гостивар со 105-90 за десетти триумф во досегашниот дел од сезоната. Со исклучок на првата четвртина, тимот од Гази Баба апсолутно доминираше на мечот, па дури имаше можност да слави и поубедливо.
Во воведниот квартал Гостивар водеше со 19-11 и тоа беше се од оваа екипа на денешниот натпревар. Со серија од 14-2, Феникс ја презеде контролата над резултатот, а можеби клучниот момент беше низата од 14 поени во втората четвртина со која отиде на 45-31. Највисоката предност, од 23 разлика, домаќините ја достигнаа кон средината на третиот период по што стана јасно дека бодовите ќе ги освои скопскиот тим.
Џо Рис и Бојан Трајковски повторно беа најдобри играчи во тимот на Феникс. Американскиот интернационалец постигна 27 поени, 10 скока и 5 асистенции за индекс 40, а поранешниот македонски репрезентативец заврши со 20 поени, 13 скока и 6 додавања. Инграм со 28 поени, 9 скока и 7 асистенции беше најдобар играч на гостинскиот тим.


