Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, ТФТ ја продолжи победничката серија во 2024 година откако на домашен терен го совлада Кожув со 81-70.
Иако конечниот резултат имплицира лесен и убедлив триумф на ТФТ, во суштина не беше така. Кожув даде силен отпор, а се врати во игра и покрај тоа што во првото полувреме губеше со 23-36. Со серија од 15-2 се погрижи да го израмни резултатот (38-38), а на голем одмор се замина со минимална предност на домашниот тим од 43-40.
Клучна беше средината на третата четвртина кога ТФТ се одлепи на 65-50, Кожув подоцна се доближи на пет поени негатива, но не успеа да го комплетира пресвртот.
Ташовски со 21 поен беше прв стрелец на ТФТ, но Николов оствари дабл дабл со 11 поени и 13 скока, а Калхаун постигна 15 поени. Кај Кожув, кој го доживеа шестиот пораз по ред, Аристон постигна 19 поени.


