По малата криза на почетокот на годината, МЗТ Скопје влезе во победничка серија и денеска го оствари петтиот триумф во низа.
Очекувано, шампионот беше подобар од Охрид и го победи со 81-68, но мора да се истакне дека во најголем дел од мечот, тренерот Атанасов користеше седум кошаркари, а воопшто не играа браќата Стојановски и Баковиќ. Во такви услови, Охрид добро се држеше и не дозволи со убедлив пораз да си замине од Скопје.

Речиси цело прво полувреме помина во израмнета игра, гостите неколку беа и во водство, а МЗТ Скопје првпат се одлепи на минута пред крајот на втората четвртина кога поведе со седум разлика (42-35). Охрид и во натамошниот дел од мечот одржуваше пристојна негатива, а МЗТ ги реши сите дилеми околу победникот со серијата од 11-2 кон средината на последниот квартал по која поведе со 73-58.
Делалиќ беше најефикасен кај шампионот со 21 поен, а Танасковиќ и Крстевски беа на чекор од дабл дабл. Бруер со 22 поена и 10 скока го предводеше гостинскиот тим.


