Фрустрациите од неуспесите во Евролигата, најтрофејните српски екипи ги истресоа врз своите денешни ривали во АБА.
Партизан ја уништи Игокеа како гостин со 46 поени разлика (98-52), а особено импресивен беше во второто полувреме во кое прими само 19 поени. Со тоа, „црно-белите“ ја прекинаа серијата од пет порази во сите натпреварувања и се одржа во игра за второто место на табелата. Партизан на денешниот натпревар формално беше гостин, но играше како на домашен терен бидејќи трибините на салата во Лакташи беа преполни со негови навивачи.
Нешто помалку убедлива беше Црвена Звезда која пред своите навивачи го победи Задар со 93-54. За разлика од Партизан, српскиот шампион беше максимално ангажиран во првото полувреме кое го доби со 53-22.
Во регионалното натпреварување следува тринеделна пауза поради националните купови кои се играат идниот викенд и стартот на квалификациите за Европското првенство во 2025 година.


