Поранешниот освојувач на Купот на Македонија, Еуро Никел со високи амбиции ја очекува заврпницата од ова натпреварување.
Тренерот Атанас Манев првпат како шеф на стручен штаб ќе води екипа и има високи очекувања од својот тим.
„Чест и задоволство за нашиот клуб е што и оваа година се најдовме во завршницата од Купот на Македонија. Зад нас имаме тежок период, за четири дена игравме со Работнички и МЗТ Скопје, но во следниве денови сме фокусирани само на Чаир.
Имаме максимален респект кон противникот, во однос на првиот меч има играчки промени. Двете екипи си имаат свои математики и ни останува во следниве денови да се подготвиме и да се претставиме во најдобро светло“, изјави Манев.
Капитенот Тодор Златев го дели мислењето на својот тренер и покрај тоа што Еуро Никел тесно ги загуби последните два меча.
„Имавме некои промени во играчкиот кадар, како и Чаир. Одиме чекор по чекор, верувам дека можеме да се подготвиме и да ја минеме четвртфиналната пречка“, вели младиот кошаркар.


