Откако пред две години оствари историски успех со триумфот во Купот, ТФТ се надева дека и од Битола ќе го повтори истиот резултат.
Тренерот Боро Смилковски е полн со комплименти и за својот ривал и за целокупната организација.
„Ја поздравувам идејата Купот да се одржи надвор од Скопје и домаќин да биде еден спортски град како Битола. Верувам дека ова ќе биде уште поголем предизвик за битолските навивачи и дека трибините ќе бидат полни на сите натпревари, не само на Пелистер,
Купот за нас секогаш е посебно натпреварување бидејќи ни ги донесе најголемите успеси и радости во историјата на клубот. Секогаш бара дополнителен напор за да се освои и затоа има посебен шмек.
Работнички ни е прв противник, клуб со огромна традиција и екипа која ни ги нанесе највисоките порази оваа сезона. Со мислите сме само на Работнички, но сонот ни е да ја повториме 2022 година и повторно да го освоиме трофејот. Куриозитет е тоа што ова ни е четврти настап во Купот, а трет пат противник ќе ни биде против Работнички“, изјави Смилковски.
Капитенот Едис Нури во свој стил го најави натпреварот против Работнички кој ќе биде прв за ТФТ на овој турнир.
„И јас ја поздравувам идејата што Купот ќе се игра во Битола каде јас имам многу добри спомени, а тренерот на Пелистер има многу лоши спомени затоа што пред многу години се сретнавме во Купот и мојот тим излезе како победник.
Работнични станаа малку досадни, но тоа е судбина, нон стоп сме заедно. Имаме подготвено тактика против нив уште од последниот АБА балон и мислам дека имаме големи шанси да поминеме во следната фаза, а таму да се сретнеме со МЗТ Скопје“, додаде Нури.


