Минатогодишниот финалист во Купот на Македонија, Феникс и оваа сезона има високи амбиции во истото натпреварување.
Се чини дека Феникс е уште поквалитетен и посилен од лани, а искуството од минатите сезони треба да помогне во надградување на досегашните успеси.
„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени да го освоиме трофејот. Пелистер е квалитетна екипа, со странски играчи, со добра организација. Натпреварот сигурно ќе биде тежок, но не би бил спортист ако не очекувам победа“, рече тренерот на Феникс, Денис Дервишевиќ.
За тинејџерот Стефан Стојковиќ учеството во Купот ќе биде огромно искуство, но и тој не се откажува од пехарот.
„Две години игравме на Купот, лани во финалето и очекувам напредокот да продолжи. Имаме квалитетен тим кој е способен да оствари најголем успех“, рече Стојковиќ.


