Екипата на Кемниц, во чиј стручен штаб е Македонецот, Ѓорѓи Кочов испушти огромна шанса со победа да се врати од гостувањето кај Баерн.
„Баварците“ славеа со 89-80, само благодарение на одличната игра во последната четвртина. Кемниц го презеде водството кон средината на вториот период, а во третиот водеше со 18 поени разлика (68-50). По 30 минути игра беше 72-62 за гостинскиот тим, а потоа следуваше големиот кам-бек на Баерн.
Последниот период, тимот од Минхен го доби со 27-8, а во последните 3:30 минути направи серија од 12-0 и така го затвори мечот, па дури дојде и до убедлива победа. Во клучните моменти се истакна Ајзак Бонга кој при негатива на Баерн од 78-80 погоди две тројки со кои го сврте резултатот и го скрши моралот кај противничкиот тим.
Со овој пораз Кемниц го испушти првото место на табелата на кое се наоѓаше повеќе од два месеца. И покрај тоа, останува високопласиран и со добри шанси плејофот да го почне од втората стартна позиција.


