Кошаркарот на Мајами, Никола Јовиќ го забележа својот најдобар натпревар во НБА лигата и е најзаслужен што неговиот тим оствари убедлива победа против Милвоки.
Екипата од Флорида дојде до триумф на гостински терен со 123-97, а Јовиќ го заврши мечот како најефикасен играч на мечот со 24 поени што е негов рекорд во НБА, на што додаде 7 скока и 3 асистенции. Во негова сенка остана и Јанис Адетокунбо кој со години е еден од најдобрите играчи во лигата.
Ефектот на Јовиќ уште повеќе добива на значење поради тоа што за тимот на Мајами не играше Џими Батлер. Сепак, екипата од Флорида уште еднаш покажа дека е кобен за Милвоки откако минатата сезона го елиминира во плејофот од Источната конференција. Дека ќе биде тешко за Бакс можеше да се забележи упте во првото полувреме кое Мајами го доби со 17 поени разлика (69-52). Се што успеа подоцна Милвоки успеа да направи е да се доближи на 70-79, но одговорот на Мајами беше серија од 13-2 за елиминација на сите дилеми околу победникот.
Адетокунбо беше најефикасен кај Милвоки со 23 поени, 11 скока и 8 асистенции, но неговиот тим пропушти можност да се искачи на второто место на табелата во Источната конференција.
РЕЗУЛТАТИ
Бруклин – Бостон 110-118
Орландо – Оклахома 113-127
Милвоки – Мајами 97-123
Феникс – Сакраменто 130-125
Портланд – Минесота 109-121
ЛА Лејкерс – Детроит 125-111


