Купот на Србија кој го носи името „Радивој Кораќ“ почна со големо изненадување откако Чачак 94 го совлада својот градски ривал и учесник во АБА лигата Борац со 73-64 и си обезбеди дуел со Црвена Звезда во полуфиналето.
Сепак, успехот на стартот од Купот му донесе проблем на Чачак 94 чие раководство, очигледно, не верувало во успех на нивните кошаркари. Поради тоа, клубот не резервирал преноќиште во Ниш, каде се играат натпреварите, па вечерва челниците биле во потрага по хотел каде би можеле играчите да се сместат.
Тоа не е лесна задача и не е исклучено екипата вечерва да се врати во Чачак кој е оддалечен од Ниш околу 200 километри. Ако се случи тоа, в петок ќе мора да се врати за да го одигра мечот од полуфиналето, против Црвена Звезда.


