Безмалку три четвртини, Работнички беше во подредена позиција во дуелот со ТФТ, но на крајот, сепак, славеше со 75-68 и обезбеди пласман во полуфиналето од Купот на Македонија.
Освојувачот на трофејот од 2022 година одигра фантастични 25-26 минути, но не го издржа темпото и е елиминиран на стартот во ова натпреварување. Пресуди вториот дел во којо ТФТ постигна само 28 поени, 12 помалку отколку во првиот.
Нешто слично на дуелот меѓу Еуро Никел и Чаир,ТФТ имаше предност од 13 разлика во тоа прво полувреме (39-26) на три минути пред крајот. Работнички до паузата намали на -6 (34-40). ТФТ не се откажа од својата цел, во третиот период исто така го диктираше темпото со тоа што и Работнички знаеше да премине во водство, а и разликата не беше голема.
Последен пат нерешено беше на нешто помалку од пет минути пред крајот кога Зафиров со тројка израмни на 61-61. Тогаш почнаа рафалите на Работнички, Ефремовски и Ѓуроски погодија по две тројки, па до крајот тимот од Градски парк постигна вкупно 14 поени и го скрши отпорот на ТФТ. Работнички имаше вкупно девет тројки, а четири од нив постигна во финалните пет минути.
Рикиќ, сепак, беше најдобар играч на Работнички со 23 поени и 9 скока, Ѓуроски застана на 14, а Ефремовски на 13 поени. Верц го предводеше тимот на ТФТ со 13 поени. Во полуфиналето, Работнички ќе се сретне со МЗТ Скопје, првпат во оваа фаза од Купот по 2019 година.


