Домаќинот и организатор на завршниот турнир од Купот на Македонија, Пелистер ја оствари својата цел и се пласира во мечот за пехарот во ова натпреварување.
Битолчани во полуфиналето беа подобри од Еуро Никел со 78-68 и вторпат во својата историја, а првпат по 2009 година ќе играат во финале од Купот, на задоволство на навивачите кои вечерва во пристоен број ги исполнија трибините на „Боро Чурлевски“. Ова ќе биде уште еден обид Пелистер да дојде до првиот трофеј во постоењето на клубот.
Домашниот тим доминираше во текот на целиот натпревар, но отпорот на Еуро Никел го скрши во последната четвртина. Пелистер беше во водство во најголем дел од мечот, во првата четвртина имаше 13-5, но потоа до четвртиот квартал, предноста не беше повисока од пет поени. Во првото полувреме доминираше Јуре Планиниќ кој постигна 24 од вкупно 39 поени на неговиот тим.
Во вториот дел тој затаи, но се разиграа Маслинко и Мијовиќ кои го поведоа Пелистер кон триумфот. Израмнето беше до стартот на последната четвртина (59-59), а потоа битолскиот тим направи серија од 13-0 која на крајот се покажа клучна за победата. Со по една тројка во таа низа учествуваа Маслинко, Костоски и Мијовиќ, Магдевски имаше едно положување, а Мијовиќ уште две слободни фрлања. Еуро Никел не се предаде, нешто подоцна намали на осум поени негатива, но немаше сили за пресврт.
Планиниќ го заврши натпреварот со 27 поени, 8 скока и 6 асистенции за индекс 36, Маслинко додаде 22 поена, Мијовиќ уште 14. Кај Еуро Никел, Мек Смит постигна 21 поен, а Вранеш 17.


