Денеска од 18 часот во Битола се игра финалето од Купот на Македонија во кое се среќаваат домаќинот Пелистер и бранителот на титулата МЗТ Скопје.
Двете екипи си имаат свои сметки пред дуелот по кој треба да биде доделен првиот трофеј во 2024 година. МЗТ Скопје ќе се бори за својот 12. титула во Купот, а Пелистер за првиот пехар во клупската историја. Овие две екипи првпат се среќаваат во финале од Купот откако минатите две сезони се бореа во финалето од плејофот во првенството.

Оваа сезона, Пелистер и МЗТ Скопје веќе одиграа три меѓусебни дуели, а билансот е 2-1 за битолскиот тим. Двете победи Пелистер ги оствари во првенството, но загуби во АБА 2 лигата на почетокот од сезоната. Се сретнаа и минатиот месец, на отворањето на „пролетната“ полусезона кога Пелистер славеше во „Јане Сандански“ со 72-66 во еден од неговите најдобри натпревари оваа сезона.
МЗТ Скопје има шанса првпат по 10 години да одбрани трофеј во Купот на Македонија, но и уште еднаш да ја потврди својата доминација во домашната кошарка. Се разбира дека најголем адут ќе му биде Војдан Стојановски кој игра во фантастична форма и оваа сезона и е најзаслужен што неговиот тим вчера го победи Работнички во полуфиналниот меч. За разлика од вчера, МЗТ Скопје ќе има поддршка од трибините бидејќи се најавени најмалку 100 навивачи од Фемили Аеродром. И домаќинот се надева на своите фанови и на преполно гледалиште.
Вечерашното финале ќе го водат судиите Игор Митровски, Алија Феревски и Томи Панов.


