Тренерот на Пелистер, Дарко Радуловиќ не успеа да го освои вториот пехар во Купот на Македонија како тренер.
Првиот пат тоа му успеа во 2021 година како предводник на МЗТ Скопје, а денеска загуби токму од својот поранешен тим. Пелистер играше одлично, во игра беше до последните секунди, но не дојде до првиот пехар во својата историја.
„Му честитам на МЗТ Скопје, мислам дека речиси цел натпревар имавме контрола над играта и бевме подобра екипа. Во вториот дел имавме мал пад, но како што кажува резултатот се играше на мал број поени.
На крајот, се се сведе на само една топка, во напад во кој се договоривме да правиме лична грешка и не знам како не успеавме да направиме бидејќи имавме уште еден ‘мал’ фаул. Претпоставувам дека тоа ќе донесеше продолжение и можеби поинаков исход на мечот. Немам замерки на играчите кои беа подготвени да се борат и да се натпреваруваат. Ете, мал дефокус донесе пораз“, изјави Радуловиќ.


