Индијанаполис претходните три дена беше центар на НБА лигата поради 73. Ол стар во историјата. Синоќа се одигра Ол-стар натпреварот, повторно по стариот систем, со меч меѓу Источната и Западната конференција.
Победи Истокот со 211-186 со што првпат во историјата една екипа ја проби границата од 200 поени на Ол-стар натпревар, но соборени се уште неколку рекорди на оваа манифестација. Со 397 поени, овој меч е најефикасен во историјата, соборувајќи го рекордот од 2017 кој изнесуваше 374, Играчите на двете екипи шутнаа вкупно 168 тројки, тимот на Истокот погоди 42 со што го подобри рекордот од 2019 година, во првото полувреме екипите постигнаа 193 поени, а за 48 минути игра беа направени само три лични грешки.
Карл Ентони Таунс беше најдобар стрелец со дури 50 поени за 27 минути, но се најде на поразената страна, па затоа му избега МВП признанието. Тајрис Халибартон постигна 32 поена со десет погодени тројки, додека Џејлен Браун заврши со 36 поени.
МВП признанието „Коби Брајант“ му припадна на кошаркарот на Милвоки Бакс, Дејмијан Лилард кој постигна 39 поени, вклучувајќи 11 тројки од 23 обиди, а имаше и шест асистенции и три скока.


