Легендата на македонската кошарка Дамјан Стојановски се врати во националниот тим во обид да му помогне да обезбеди пласман на Европското првенство во 2025 година.
Тој се појави на денешната прозивка, пред мини-подготовките за квалификациските дуели со Естонија и Полска, на задоволство на љубителите на кошарката во земјава кои во него гледаат еден од лидерите на репрезентацијата. Последен пат, Дамјан играше на 29 ноември 2021 година против Украина во Киев по што се повлече иако никогаш не рече дека тоа е крај за него во дресот со државниот грб.
Присуството на Дамјан Стојановски ќе биде од огромно значење особено ако неговиот брат Војдан не биде во можност да игра на претстојните два меча поради повредата што ја доживеа во Купот на Македонија.


