Во обид да обезбеди опстанок во елитната конкуренција, поранешниот вицешампион Кожув до крајот на сезоната ќе игра со сосема нова постава странски кошаркари.
КОШ.МК неофицијално дознава дека досегашните странци ќе си заминат, а на нивно место доаѓаат нови. Кришнан, Слејтер, Артисон и Хукиќ си одат од Гевгелија, Илајџа Милер кој дојде неодамна, ќе остане, а нови играчи на Кожув ќе бидат Брендон Пен, Најџел Џонсон и Миљан Марковиќ.
Пен е повратник во клубот бидејќи настапуваше за Кожув во сезоната 2015/16, а подоцна беше член и на другиот клуб од Гевгелија, Блокотехна. Последен тим за кој играл е српскиот прволигаш Колубара. Џонсон и Марковиќ доаѓаат од словачкото првенство, од тимовите на Спишки Ритери и и Комарно.
Иако се наоѓа во долниот дел од табелата, Кожув има реални шанси за опстанок бидејќи Академија ФМП има само една победа повеќе, а Охрид и Вардар се со ист биланс како гевгеличани (3/14).


