Капитенот Војдан Стојановски ќе биде во комбинација за настап вечерва против Естонија и тоа е најдобрата вест што можеа да ја добијат љубителите на кошарката во земјава.
Кошаркарот на МЗТ Скопје има повреда на задната ложа, доживеана на финалето од Купот на Македонија, против Пелистер, но и покрај тоа ќе го облече црвено-жолтиот дрес и ќе ги предводи своите соиграчи на денешниот натпревар. Повредата е таква што може дури и да му ја уништи сезоната, ама Војдан уште летоска рече дека не се откажува додека не ја одведе Македонија на Европско првенство и останува на својата замисла.
По подолго време, тој ќе заигра со својот брат Дамјан во националниот тим и тие повторно ќе бидат единствени од генерацијата која во 2011 година го освои четвртото место на шампионатот во Литванија.


