Позитивниот дух преовладува кај селекторот Александар Јончевски по денешниот пораз од Естонија, на стартот од квалификациите за Европското првенство.
Противникот славеше со 74-69, но нашиот предводник смета дека не сме го кажале последниот збор и дека за една година можат да се сменат работите во наша корист.
„Одигравме добро прво полувреме, ја контролиравме играта, но во третата четвртина противникот го презеде водството со цврста одбрана, а особено со подобриот скок во нападот. Сепак, им реков на моите кошаркари дека играа со голема енергија, дека одговорија одлично на ваков тежок натпревар и дека не е како на претходниот натпревар против Естонија на нејзин терен.
Разликата од пет поени ни дава надеж дека може да ја надополниме во реваншот на гостински терен. Пет поени не се ништо во кошарката и со добра игра во Естонија, имаме шанси да се радуваме.
Жалам што оваа публика не доживеа позитивен крај на натпреварот. Ме радува тоа што имаше голем број гледачи, уште многу барања за билети и среќен сум поради тоа што имаше многу деца. Верувам дека оваа екипа, веќе подмладена може да одговори на следните предизвици“, рече Јончевски и се осврна и на други теми поврзани со репрезентацијата и играчите.
„Играта на Итан Хап не е изненадување за мене, можеби македонската јавност не го познава, но јас знаев дека е одличен играч и без особени барања, се согласи да игра за Македонија. Мислам дека имаме двајца одлични натурализирани играчи и одлично се вклопуваат во тимот.
Ако се сеќавате и претходниот циклус го отворивме со пораз од Естонија, па потоа одлучуваа поени поради нашата победа во балонот во Русија. Догодина ќе бидеме посилни и за Андреј Јакимовски кој игра во одлична форма и ќе биде големо засилување за нас. Не се откажуваме ни од победа на останатите натпревари, конкретно против Полска чија игра ќе ја анализираме во текот на утрешниот ден.
Можеби немаме голем фонд кошаркари, но овие што се тука секогаш го даваат максимумот. Покажавме дека можеме во претквалификациите, следен чекор е пласман на Европско првенство“, додаде Јончевски.


