Екипата на Бостон Селтикс ја продолжи победничката серија во НБА откако славеше на гостувањето кај Њујорк Никс со 116-102.
Тоа е осми триумф по ред за овој тим и со него се зацврсти на првата позиција во Источната конференција со дури девет победи повеќе од второпласираниот Кливленд. Првата ѕвезда на Селтикс, Џејсон Тејтум немаше своја вечер и постигна „само“ 19 поени, но затоа блескаше Џејлен Браун кој го заврши мечот со 30 поени.
На Никс не им помогна одличниот Брансон кој реализира 34 поени затоа што не доби соодветна поддршка од соограчите. Далеку зад него остана Џош Харт со 16 и Донте Дивиченцо со 12 поени.
Њујорк поминува низ тешка фаза на резултатски план и ноќеска го претрпе петтиот пораз во последните шест натпревари. Засега тоа не влијае на пласманот на табелата и се уште е четврти на Истокот, но опасно му се приближуваат ривалите, па седмопласираниот Орландо е на само две победи заостанување.
РЕЗУЛТАТИ
Детроит – Орландо 109-112
Њујорк – Бостон 102-116
Минесота – Бруклин 101-86


