Македонските стручњаци Тони Стојаноски и Виктор Петровски ќе бидат гости на Црвена Звезда и тренерот на овој тим Јанис Сферопулос, во рамките на EUROLEAGUE HEAD COACHES BOARD академијата.
Двајцата ќе бидат во Белград од 8 до 16 март, ќе присуствуваат на тренинзите на Црвена Звезда и ќе ги слушаат советите од грчкиот стручњак. На лице место ќе можат да видат како се подготвува тактика за игра, скаутинг на противничкиот тим, подготовка за тренинг и натпревар и така натаму.
Тони Стојаноски има 29 години и е тренер на прволигашот Охрид со кој лани обезбеди историски пласман во елитната конкуренција. Виктор Петровски има 23 години, го предводи женскиот тим на Крива Паланка и е еден од најперспективните стручњаци во земјава со понуди за продолжување на кариерата во Кина и САД. Двајцата годинава учествуваат на EUROLEAGUE HEAD COACHES BOARD чие финале е во јуни во Турција.
Поради гостувањето кај Црвена Звезда, Стојаноски нема да може да го води Охрид на прволигашкиот меч против Работнички кој е закажан за вториот викенд од март, во рамките на 19. коло од Првата лига.


