Покрај светскиот првак Германија, кој загуби во Бугарија, пораз денеска доживеа и актуелниот европски шампион Шпанија кој со 0/2 ги отвори квалификациите за континенталниот шампионат.
„Фуријата“ загуби на гости кај Белгија со 53-58 во исклучително неефикасен меч од двете селекции. Во ниедна од четирите четвртини Шпанија не ја мина границата од 14 поени за што изговор не е ни тоа што селекторот Серџо Скариоло ги немаше на располагање најголемите ѕвезди во националниот тим. Првото полувреме заврши со само 45 постигнати поени на двете страни (19-26).

Во ваква ситуација, утеха за Шпанците е тоа што три од четирите репрезентации во групата обезбедуваат пласман на Европското првенство, па постои уште надеж дека во следните четири меча ќе биде остварена големата цел.
Најефикасен кај Белгија беше Ретин Обасохан со 19 поени, Жиле додаде 15, а кај Шпанците повторно прв стрелец беше Брисуела со 14.


