Македонската кошаркарска репрезентација денеска гостува во Полска, во второто коло од квалификациите за Европското првенство во 2025 година.
Противникот, како ко-домаќин на континенталниот шампионат има директен пласман на него, но се бројат бодовите од дуелите со него, па затоа нема простор за опуштање. Со оглед на играчкиот кадар и фактот што на последното Европско првенство го освоија четвртото место, Полјаците се апсолутни фаворити за триумф, но Александар Јончевски и неговите избраници не одат со бело знаме.
Токму тоа што Полјаците имаат обезбедено учество на Еуробаскетот може да биде голем адут на нашите кошаркари да направат изненадување во денешниот дуел кој се игра во Сосновиец. Минатото лето двете селекции се сретнаа во пријателски двомеч во Белград и тогаш Полска оствари две убедливи победи, но нашиот тим не беше комплетен, имаше многу млади кошаркари во составот, а и се работеше за подготвителни дуели. Сега ги имаме најдобрите играчи, имаме и нов натурализиран кошаркар кој се покажа во одлично издание во мечот со Естонија и спортски е да се надеваме на изненадување. Меѓу другото, во полската селекција ќе го нема лидерот Матеуш Понитка кој е повлечен од Партизан и тоа би требало делумно да ни ја олесни работата.
Со Полска не сме играле квалификациски дуели повеќе од четврт век. Во циклусот за пласман на Еуробаскет 1999 година два пати се сретнавме со оваа селекција и остваривме две победи. Времињата се сменија, Полска сега е европска велесила, има силна лига, квалитетни тренери и играчи и е фаворит пред денешниот дуел кој се игра од 18 часот.


