Македонската кошаркарска репрезентација ја оствари првата победа во квалификациите за Европското првенство откако вечерва ја совлада Полска со 96-71.
Тоа беше еден од најдобрите натпревари на македонскиот национален тим уште од Европското првенство во Литванија, ако се знае дека против себе ја имавме четвртопласираната селекција од последниот Еуробаскет. Нашата репрезентација покажа извонредна игра во одбрана каде направи бедем, а како резултат на тоа дојдоа многу лесни поени. Факт е и дека играта во напад беше поразновидна за разлика од петочниот дуел со Естонија што, исто така, придонесе за убедливиот триумф.
Полска беше подобра само во првите шест минути во кои го имаше и највисокото водство (9-3 и 14-8). Следуваше серија од 13-0 за предност од 21-14, а потоа следуваше рапсодија на нашата селекција. Полјаците на момент знаеја да се доближат, но Македонија беше таа која го диктираше темпото. Единствениот период кога домаќинот сериозно се закани беше крајот на третата и почетокот на последната четвртина кога Полска направи 11-0 и дојде на 57-69, но Македонија веќе имаше добра предност за победата да биде загрозена.
Нашите кошаркари одговорија со 10-0 и повторно се одлепија за потоа мирно да го приведат натпреварот кон крајот.
Ненад Димитријевиќ одигра неверојатен натпревар, еден од неговите најдобри за репрезентацијата, но и воопшто еден од најдобрите на македонски кошаркар во националниот тим. Го одигра речиси целиот меч, освен 35 секунди и се виде дека не се задоволува со ништо друго, освен победа. Постигна 32 поена со 8 скока и 8 асистенции за индекс 33, највисок на овој меч, а голема помош имаше од Итан Хап кој постигна 19 поени и 7 скока и индекс 31. Сепак, се истакнаа и Стојан Ѓуроски и Андреј Маслинко во нападот, а Мекиќ, Магдевски и Дамјан Стојановски изгинаа во одбраната за блескава победа на македонската репрезентација.


