Предводникот на македонскиот национален тим Александар Јончевски е презадоволен од изданието на неговите кошаркари, но и од работата на стручниот штаб при подготовката на дуелот со Полска.
Македонија славеше со 96-71 за прв триумф во овие квалификации со што ги задржа шансите за пласман на Европското првенство.
„Ги почитуваме сите репрезентации во групата, тоа важи и за Полска која има одлични играчи и фантастичен селектор и мошне сериозно го сфативме денешниот натпревар. Ризикувавме со отворени позиции за Балчеровски, но тоа беше наша стратегија и излезе добро.
Им честитам на сите играчи, без разлика дали играа една или 39 минути и сите се заслужни за победата. Морам да кажам дека добро го анализиравме натпреварот со Литванија, ги видовме добрите и лошите страни и го искористивме тоа.
Нено одигра на фантастично ниво, го почувствува моментот и бараше да игра до последната секунда. Го понесе адреналинот и не сакаше да прифати ништо друго, освен победа“, рече Јончевски.


