Поранешниот македонски репрезентативец Никола Караколев го напушти Еуро Никел и до крајот на сезоната ќе игра во тимот на Кожув.
Штипјанецот побарал и добил дозвола од својот досегашен клуб да си замине, а ќе биде голем адут на Кожув во борбата за опстанок во елитната конкуренција. Во гевгелискиот тим, тој се враќа по пауза од пет години откако го носеше црвениот дрес во сезоната 2018/19.
Кожув го искористи правото за засилувања пред крајот на преодниот рок кој завршува утре вечер и покрај Караколев, донесе уште три странски засилувања: Брендон Пен, Миљан Марковиќ и Бранислав Вујадиновиќ. Во комбинација беше и Најџел Џонсон, но изборот сепак паднал на Вујадиновиќ.
Во пресрет на последните пет кола од основниот дел на првенството, Кожув е во долниот дел од табелата со само три победи и долга серија порази. Веќе в сабота го очекува исклучително важен дуел против Вардар во Кале на кој ќе можат да дебитираат новите играчи.


