Македонскиот кадетски и јуниорски репрезентативец Никола Јаничиќ е избран за учество на кампот кој го организира кошаркарот на Лос Анџелес Клиперс, Пол Џорџ.
Нашиот голем талент се покажал во одлично издание на пробата во пресрет на кампот и добил покана да учествува на настанот, заедно со уште голем број млади кошаркари од целиот свет. Според неговиот тренер во училиштето Cooper International Academy, каде учи Јаничиќ, 16-годишниот плејмејкер покажал извонредни квалитети за плејмејкер и голем потенцијал, имајќи предвид дека прва година е во САД.

Јаничиќ е производ на школата на Водно Санс каде настапуваше до минатата година и освои низа индивидуални и тимски трофеи и признанија. Иако од Македонија замина со само 16 години, додека беше тука играше и за младинските и за првиот тим на Водно Санс, како и за кадетската и јуниорската репрезентација на Македонија за кои настапи минатото лето на европските првенства.
Меѓу другото, Јаничиќ е и најдобар млад кошаркар во Македонија за 2023 година и светла иднина на нашата кошарка.


