Овациите од навивачите пред денешниот натпревар против Анадолу Ефес очигледно го трогнаа Жељко Обрадовиќ, па тој со многу емоции зборуваше на прес-конференцијата по мечот.
На задоволство на огромната армија фанови и приврзаници на „црно-белиот“ клуб, Обрадовиќ призна дека не постојат дилеми кога станува збор за неговиот статус во Партизан.
„Горд сум и среќен што сум еден од нив, горд и среќен што сум тренер на клубот кој најмногу го сакам и што навивачите тоа го препознаваат. Им благодарам на сета искажана љубов кон мене вечерва, убаво е човек да се роди поради ова и да доживее вакво нешто.
Силата е во овие навивачи и најважно е да се создаваат нови фанови затоа што знам колку родители со деца ме дочекуваат по секој натпревар и тоа ме прави многу горд. Знам каква е мојата иднина, не се гледам себе никаде, освен во овој клуб. Или ќе бидам овде или нема да работам“, изјави, меѓу другото, Обрадовиќ.
Пред денешниот натпревар тој доби повеќеминутни овации од навивачите во преполната белградска Арена, а сето тоа по нападите од противничкиот табор и од политичкиот врв во Србија.


