Како што се ближи завршниот дел од сезоната, така ТФТ игра се подобро во Првата македонска кошаркарска лига.
Денеска составот од Тафталиџе го совлада актуелниот вицешампион Пелистер со 77-66 и се израмни по бројот на бодовите со својот денешен ривал. Одлучи подобрата игра во второто полувреме кое ТФТ го доби со 41-30 откако на голем одмор замина со минимална предност (34-33).
Во првите 20 минути, се играше претежно израмнето, со мали осцилации во резултатот. Пелистер ја имаше највисоката предност, од седум разлика (17-10) во шестата минута, но ТФТ брзо ја стигна негативата и на влезот од последната минута од полувремето поведе со 34-30. Второто полувреме подобро го отвори ТФТ кој брзо отиде на +8 (42-34) и до крај не ја испушти предноста. На влезот на последната четвртина скопскиот тим првпат отиде на двоцифрена предност (56-46), а на шест минути пред крајот ги достигна и највисоките +17 (67-50). Победа со толкава разлика му беше потребна на ТФТ за да ја анулира негативата од поразот во првиот меч и во случај на ист број бодови на крајот да биде пред Пелистер, но до крајот на натпреварот, битолчани успеаја да се изборат за -11.
Кај ТФТ, пет кошаркари постигнаа двоцифрен број поени, најмногу Луис – 17. Во тимот на Пелистер, најдобар играч беше Јуре Планиниќ со 21 поен и 15 скока.


