Во првиот меч по освојувањето на Купот на Македонија, МЗТ Скопје доживеа изненадувачки пораз од тимот на Феникс.
Екипата од Гази Баба славеше со 73-69 и ја направи исклучително интересна борбата за првото место, на четири кола пред крајот на основниот дел од сезоната. Феникс покажа херојска игра, не потклекна ни кога беше најтешко, ни кога МЗТ Скопје ја презеде контролата над резултатот, ни кога остана без еден од своите најдобри играчи Бојан Трајковски.
МЗТ Скопје беше изненаден уште од самиот почеток на натпреварот, Феникс отвори неверојатно, со 20-2, а тимот на Васко Атанасов беше без кош речиси седум минути. Во втората четвртина домашниот тим ги достигна највисоките +20 (37-17), за на голем одмор да се замине со 39-24.
Така беше се до средината на третиот период по што шампионот почна да покажува знаци на живот. Со серија од 20-3 се доближи на 48-49, на стартот од последниот квартал прво израмни на 51-51, а потоа и го презеде водството и отиде на 57-53 со тројките на Баковиќ и Робев. Тука Феникс првпат покажа карактер, не дозволи да падне во играта и го врати ударот и поведе со 65-59. Во меѓувреме остана без Бојан Трајковски кој ја направи петтата лична грешка, но и тоа не ги поколеба кошаркарите на Денис Дервишевиќ кон својата цел. На нешто помалку од три минути пред крајот беше 65-65, а потоа Џонс и Митревски постигнаа осум поени по ред за водство на Феникс од 73-65 со што беше решено прашањето околу победникот.
Рис постигна 22 поена и беше најефикасен на мечот, Митревски додаде 15, а Трајковски 12. Војдан Стојановски со 18 поени го предводеше МЗТ Скопје кого го очекува грчевита борба во последните четири кола за зачувување на првото место на табелата.


