Најтрофејниот тим во Македонија, Работнички е нов лидер на табелата во Првата лига, по вечерашниот триумф против Академија ФМП и поразот на МЗТ Скопје од Феникс.
Челната позиција е провизорна бидејќи ако Работнички и МЗТ го завршат основниот дел со ист број бодови, аеродромци ќе ја имаат првата стартна позиција поради подобрата кош-разлика во меѓусебните дуели, но има уште четири кола во кои се може да се случи. Работнички ја оствари осмата победа во низа, совладаувајќи ја Академија ФМП со 99-52.

Очигледна беше разликата во квалитет, па победата на тимот од Градски парк во ниеден момент не дојде во прашање. Академија ФМП се држеше некако во првите 4-5 минути, но Работнички потоа направи серија од 11-0 за 24-10 по што разликата само се зголемуваше. Со уште една низа од 18-0, тимот на Горан Самарџиев поведе со 45-15 пред крајот на првото полувреме, па до крајот единствената дилема остана конечниот резултат.
Сите кошаркари на Работнички се запишаа во листата на стрелците, најдобар беше Џелетовиќ со 18 поени и 10 скока, а уште четворица имаа двоцифрен ефект. Димитровиќ и Петровски ја предводеа Академија ФМП со по 12 поени.


