Со 32.292 поена во кариерата, Мајкл Џордан се наоѓа на петтото место на вечната листа на стрелци во НБА лигата, но мора да се знае дека има убедливо најмалку натпревари (1.072) од четворицата пред него: Коби Брајант (1.346), Карл Мелоун (1.476), Карим Абдул Џабар (1.560) и Леброн Џејмс (1.475).
Неговиот просек во кариерата изнесуваше 30,12 поени по натпревар, нешто повеќе од Вилт Чембрлен кој постигнуваше по 30,07. Последните години се води дебата дали Џордан во денешнава ера би можел да постигне 100 поени, како што тоа го направи Чембрлен. Поранешниот играч на Чикаго Булс и Вашингтон Визардс тврди дека би можел.
„Се игра помалку физички, а и правилата се сменети. Врз основа на сегашните правила и мојот стил на игра, сигурен сум дека често ќе ја напуштав играта поради шест лични грешки, но и многу често ќе бев на линијата за слободни фрлања и сигурно ќе стигнував до 100 поени“, тврди Џордан.
Тој играше во најдобрата ера во НБА кога се играше и најцврста одбрана, а судиите дозволуваа и погруба игра. Поради тоа, неговиот рекорд на поени на еден натпревар изнесува „само“ 69, а е постигнат на 28 март 1990 година во дуел со Бостон на кој се играше продолжение. Во својата кариера, 173 пати постигна 40+ поени, 31 пат имаше 50+ поени и четири пати ја надмина границата од 60. Да не паузираше меѓу 1993 и 1995 и од 1998 до 2001 година, сигурно неговиот вкупен број поени ќе беше многу поголем и веројатно ќе го поминеше и Карим Абдул Џабар.


