Пред крајот на 2023 година, изгледаше дека МЗТ Скопје е сигурен на првото место и без проблеми ќе ја освои првата стартна позиција пред плејофот.
Предноста пред Работнички тогаш изнесуваше три победи, а аеродромци имаа и домашен терен во дуелот со својот најголем ривал. Дербито, сепак, не се играше во „Јане Сандански“, туку во Кисела Вода што Работнички искористи за да дојде до триумф и да го зголеми притисокот врз актуелниот шампион.
Поразите на МЗТ Скопје од Пелистер, Работнички и Феникс, како и серијата на „центарци“ од осум победи, придонесе во последните четири кола, вечните ривали да влезат со ист биланс. На хартија, во моментов е лидер Работнички, но ако двете екипи завршат со ист број бодови, предноста ќе ја има МЗТ Скопје поради подобрата кош-разлика во меѓусебните дуели.
Тоа значи дека на Работнички му е потребен уште пораз на МЗТ Скопје, под услов, тимот на Горан Самарџиев да остане на победнички патеки до крајот на основниот дел. Аеродромци имаат за нијанса потежок распоред до крајот бидејќи во следните две кола се среќаваат со две исклучително расположени екипи во последно време – ТФТ и Чаир кои се наоѓаат во серии од пет, односно четири победи. Сепак, МЗТ Скопје зависи од себе бидејќи со четири победи до крајот, сигурно ќе биде прв.
Работнички ќе чека услуга од ТФТ и Чаир, но во исто време мора да внимава на Феникс со кого се среќава во претпоследното коло, а од кого загуби на домашен терен во првиот дел од сезоната. Феникс игра одлично во новата година, конечно е комплетен и ќе биде голема закана за тимот од Центар. На останатите три меча, Работнички е голем фаворит бидејќи се среќава со екипи кои се борат за опстанок.
РАСПОРЕД НА МЗТ СКОПЈЕ
- коло МЗТ Скопје – ТФТ
- коло Чаир – МЗТ Скопје
- коло МЗТ Скопје – Вардар
- коло Академија ФМП – МЗТ Скопје
РАСПОРЕД НА РАБОТНИЧКИ
- коло Охрид – Работнички
- коло Работнички – Кожув
- коло Феникс – Работнички
- коло Работнички – Гостивар


