Екипата на Партизан испушти можност да избие на десеттата позиција на табелата во Евролигата откако вечерва во неизвесна завршница загуби на гостувањето кај Олимпија Милано со 83-85.
„Црно-белите“ до крајот беа во игра за победата, но не издржаа во финишот, а и кратката клупа поради повредите на неколку важни играчи си го направи своето. Во последната четвртина Партизан влезе со предност од 67-64, а потоа на сцена стапија двајца многу познати кошаркари за белградскиот тим.
Никола Миротиќ, кој летоска беше на прагот на трансфер во Партизан, го отвори финалниот период со три тројки и вкупно 11 поени, а откако гостите го одбија тој удар, на сцена стапи довчерашниот играч на Црвена Звезда, Шабаз Нејпир. Тој ги постигна последните седум поени за Олимпија Милано, вклучувајќи го победничкиот кош на пет секунди пред крајот. Партизан имаше за евентуално израмнување и продолжение, Ледеј ја зеде топката, но не успеа да реализира.
Миротиќ и Шилдс постигнаа по 19 поени, Хол 18, а Нејпир 15 во тимот на Олимпија Милано, а Алекса Аврамовиќ го предводеше Партизан со 19 поени. Италијанскиот тим со овој триумф се враќа на голема врата во борбата за плејофот и сега има една победа помалку од Партизан кој останува на 11. позиција, но со ист биланс како 10-пласираната Валенсија.


