Филаделфија ја прекина серијата од три порази откако ноќеска славеше на гостувањето кај Њујорк со 79-73.
Конечниот резултат е необичен за НБА натпревар и повеќе наликува на резултат од Евролигата бидејќи не се случува често да бидат постигнати само 152 поени. Тоа е најнеефикасен натпревар во НБА од 6 јануари 2016 година кога Денвер и Минесота во меѓусебниот дуел постигнаа ист број поени (78-74). Ако ништо друго, Њујорк може да се пофали дека првпат по 20 години, на два меча по ред успеал да ги задржи противниците на помалку од 80 постигнати поени откако во петокот го победи Орландо со 98-74.
Од друга страна, Филаделфија дојде до победата во Медисон Сквер Гарден без двајцата најдобри кошаркари Жоел Ембид и Тајрис Макси, а недостасуваа уште неколку играчи во составот. Во нивно отсуство се остакна Кели Убре со 18 поени и 10 скока, како и Бади Хилд со 16 поени. Џејлен Брансон беше прв стрелец на Њујорк со 19 поени, но со очаен шут од игра (6/22). Двете екипи шутираа лошо од поле, особено за тројка од каде погодија вкупно 17 шута од 70 обиди.
Њујорк остана на четвртата позиција во Источната конференција со биланс 37/27, додека Филаделфија е шеста со 36/28.
РЕЗУЛТАТИ
ЛА Клиперс – Милвоки 117-124
Сакраменто – Хјустон 104-112
Орландо – Индијана 97-111
Мајами – Вашингтон 108-110
Атланта – Њу Орлеанс 103-116
Оклахома – Мемфис 124-93
Њујорк – Филаделфија 73-79
Кливленд – Бруклин 101-120
ЛА Лејкерс – Минесота 120-109


