Партизан му гостуваше на Борац во Чачак во 22. коло од АБА лигата и оствари тешка победа со 84-77, благодарение на серијата од 13-0 на три минути пред крајот.
Сепак, освен тешкиот триумф на „црно-белите“, мечот го одбележа комуникацијата меѓу тренерот Жељко Обрадовиќ и плејмејкерот Алекса Аврамовиќ. Во третата четвртина, српскиот кошаркар беше фаулиран, но од непознати причини мислеше дека има само едно слободно фрлање и откако го погоди, тргна да се враќа во одбрана. Обрадовиќ го забележа тоа и му грмна, а камерите го забележаа неговиот повик.
„Ало бре, имаш уште едно фрлање“, порача Обрадовиќ со традиционална пцовка на крајот. Двајцата се од Чачак, па вечерва играа пред „своја“ публика.
Навивачите на Партизан му забележуваат на Аврамовиќ за ваквото однесување и падот на концентрацијата бидејќи тоа му се случува и на важни натпревари во АБА и Евролигата.


